Олимписките игри да бидат откажани, бараат повеќето Јапонци

пред 3 години

Речиси 60 проценти од жителите на Јапонија сакаат да бидат откажани Олимписките игри во Токио поради пандемијата со Ковид-19, пишуваат медиумите во таа земја.
Јапонија ја продолжи вонредната состојба во главниот град до крајот на мај и се бори да го запре наглото зголемување на бројот на случаи на инфекција со коронавирус, што отвора дополнителни прашања за тоа дали игрите треба да се одржат.

Олимписките игри во 2020 година беа одложени за една година поради пандемијата со коронавирусот и треба да бидат отворени на 23 јули а според предвиденото ќе траат до 8 август.

Анкетите спроведени во таа земја покажуваат дека 59 проценти од жителите сакаат Олимписките игри да бидат откажани, додека 39 проценти бараат тие да бидат одржани.

Дел од оние кои барале олимписките игри да се одржат одговориле дека тоа треба да се направи без гледачи.

Присуството на публика од странство е забрането, а конечната одлука за присуство на домашни гледачи ќе биде донесена во јуни, пишуваат агенциите.

Високиот функционер на Меѓународниот олимписки комитет Coон Коутс рече дека, иако расположението на Јапонците за игрите е „загрижувачко“, тој не гледа сценарио според кое овој спортски настан нема да се одржи.

Јапонскиот премиер Јошихиде Суга досега, и покрај зголемувањето на бројот на заболени од Ковид-19, вети дека ќе ги одржи Олимписките игри.

Но, Суга во понеделникот рече дека никогаш не ги ставил Олимписките игри на прво место пред живoтот на граѓаните.

„Мојот приоритет беше да го заштитам животот и здравјето на јапонското население. Прво мора да спречиме ширење на вирусот “, додаде тој, истакнувајќи дека конечната одлука ја донесува МОК, додека улогата на Владата е да стори сé за да се осигури дека игрите ќе се одржат на безбеден начин.

Share
Scroll to Top