Новата Омикрон варијанта на коронавирусот предизвикува блага клиничка слика и нема изразени симптоми, изјави за Спутник, Анжелик Кучи, претседателка на медицинското здружение во Јужна Африка.
СЗО во петокот објави дека новиот вид, кој е откриен во Јужна Африка, има 32 мутации, што го прави многу заразен и опасен. Наречен е „омикрон“ по 15-тата буква од грчката азбука.
– Предизвикува блага клиничка слика со симптоми како болки во мускулите и замор кои траат ден-два, по што луѓето се чувствуваат добро. Досега откривме дека заразените не го губат чувството за вкус и мирис. Некои имаат блага кашлица. Неколку од заразените се и на домашно лекување, рече Кучи.
Таа додаде дека болниците не биле пребукирани, како и дека кај вакцинираните пациенти нема заразени со новиот сој, а каква ќе биде состојбата со невакцинираните, според неа, ќе се знае за недела-две.
– Вирусот се пренесува, но засега ниту ние ниту лекарите не знаеме зошто сите се толку исплашени, бидејќи сè уште е во фаза на истражување. За неколку недели ќе знаеме каква е вистинската состојба, повеќето од заразените се луѓе на возраст од 40 години и помлади – рече таа, пренесува Times of India.
Кучи остро ги критикува одлуките на некои земји за забрана на летови од Јужна Африка, особено затоа што одлуката е прерана и нема информации колку е опасна.
По објавувањето на веста за новиот вид на коронавирусот, САД, ЕУ, Канада, Израел, Австралија и други земји го ограничија патувањето од неколку јужноафрикански земји, а како причина ја наведоа заштитата на јавното здравје.