ОН: Нападите на САД врз бродови може да претставуваат злосторства против човештвото

ОН: Нападите на САД врз бродови може да претставуваат злосторства против човештвото

пред 3 часа

Во извештајот на ОН се наведува дека неодамнешните воздушни напади на САД врз бродови за кои се сомнева дека шверцуваат дрога го прекршиле меѓународното право и може да претставуваат злосторства против човештвото. Во извештајот на специјалниот известувач Бен Саул се вели дека од септември минатата година, најмалку 68 американски напади се извршени во Карибите и Пацификот, надвор од територијалните води на САД, при што загинаа повеќе од 220 лица, јавува Би-Би-Си.

Извештајот доаѓа два дена откако американската војска соопшти дека убила четири лица во напад врз брод во Карибите. „Потврдените разузнавачки информации открија активна вмешаност на бродот во трговија со дрога. Четири наркотерористи беа убиени во операцијата“, се вели во соопштението на Саутком, американската воена команда во регионот, која објави и видео од нападот.

Американската војска ја започна операцијата „Јужно копје“ на почетокот на септември. Сепак, официјалните лица не понудија цврсти докази дека целните бродови всушност биле вклучени во шверц. Министерот за одбрана Пит Хегсет претходно изјави дека целта на операцијата е да се отстранат „наркотерористите од нашата хемисфера“ и да се заштитат САД од „дрогите што ги убиваат нашите луѓе“.

Саул истакна дека целите, дури и ако можат да се идентификуваат како членови на одредени терористички групи, не извршиле вооружен напад врз САД што би го активирал правото на самоодбрана според меѓународното право. Во извештај објавен денес од Советот за човекови права на ОН, Саул изјави дека „ваквите напади претставуваат сериски вонсудски убиства што го кршат правото на живот, бидејќи не се оправдани со национална или лична самоодбрана“.

Саул додаде дека за нив нема оправдување во меѓународното хуманитарно право, правото на морето, конвенциите за сузбивање на наркотичните дроги или меѓународното право против тероризмот. „Постојат разумни основи да се верува дека 68-те пријавени напади во кои загинаа 223 лица претставуваат злосторства против човештвото во форма на убиство според обичајното меѓународно право“, заклучи Саул, пренесуваат агенциите.

Текстот ОН: Нападите на САД врз бродови може да претставуваат злосторства против човештвото е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top