Летовите за евакуација од аеродромот во Кабул продолжија по неколкучасовната пауза предизвикана од пренатрупаноста на американската база во Катар, објави Пентагон.
Американскиот претседател Џо Бајден рече дека не може да гарантира каков ќе биде исходот од итната евакуација од Кабул, велејќи дека тоа е една од „најтешките“ воздушни операции досега.
Бајден рече дека американските сили евакуирале 13.000 луѓе од Авганистан од 14 август, вкупно 18.000 од јули.
Портпаролката на УНХЦР, Шабија Манту, ја поздрави евакуацијата на авганистанските граѓани преку различни билатерални програми, но нагласи дека овој потег не е замена за итен и поширок одговор од меѓународната заедница.
„Огромното мнозинство Авганистанци не можат да ја напуштат земјата преку редовни канали“, рече таа во Женева.
Обединетите нации тврдат дека талибанските борци провалуваат во куќите на лица кои работеле со силите на САД и НАТО, што го зголемува стравот од нивна одмазда.
Талибанците имаат намера да претстават нова влада во следните неколку недели, изјави портпаролот на талибанците откако ја презедоа контролата врз земјата.
„Правните, верските и надворешно политичките експерти меѓу Талибанците имаат намера да ја претстават владата во следните неколку недели“, изјавил официјалниот претставник за светските агенции.