Планот на британската влада за тоа што ќе се случи во деновите по смртта на кралицата Елизабета Втора, познат како операција „Лондонски мост“, протече откако долго време беше обвиен во тајност.
Со години се појавуваа извадоци од тој „таен план“, а сега порталот „Политико“ дојде до документи кои детално објаснуваат што ќе се случи во Британија кога ќе дојде тој ден.
Кралицата, која има 95 години, се чини дека е во добра здравствена состојба и нема индикации дека овие планови биле итно ревидирани.
Сепак, најновите планови изработени од владината канцеларија за операцијата „Лондонски мост“ вклучуваат дискусија за пандемијата на коронавирусот.
Документите, всушност, укажуваат на извонредно ниво на подготвеност што се бара од сите државни служби, предвидувајќи обемна безбедносна операција за управување со големите маси и хаосот што може да настане во сообраќајот, се вели во официјалниот извештај.
Тоа е детален 10-дневен план за периодот помеѓу смртта на кралицата и нејзиниот погреб.
Имено, во првите неколку часа по смртта на кралицата, ќе се случи „каскада на повици“ кога премиерот, секретарот на владата и највисоките министри и функционери ќе бидат известени за смртта на кралицата.
Интерно, тој ден ќе се вика „Ден Д“, а секој нареден ден пред погребот ќе се вика „Д + 1“, „Д + 2“ итн.
Кралското семејство ќе издаде официјално известување, преку кое веста ќе и биде соопштена на јавноста.
Стратегијата на социјалните мрежи игра голема улога во планот. Планирано е страницата на кралското семејство да биде целосно поцрнета, освен кратка објава, како и дека сајтовите и социјалните мрежи на владата ќе содржат црни банери. Содржините што не се итни нема да бидат објавени, а ретвитовите ќе бидат забранети доколку не се одобрени од шефот на владата за комуникации.
По добивањето на оваа информација, знамињата низ Вајтхол ќе бидат спуштени на половина копје, а целта е тоа да се направи во рок од десет минути.
Во деновите пред погребот, новиот крал Чарлс ќе патува низ Обединетото Кралство за да прими изрази на сочувство.
Погребот е закажан за десеттиот ден по смртта на кралицата во Вестминстерската опатија во Лондон.