Осум министри за надворешни работи на Европската унија ја повикаа ЕУ да им забрани на руските дипломати слободно да се движат во Унијата и да го ограничи на земјите каде што се акредитирани.
„Слободното движење на имателите на руски дипломатски и службени пасоши, акредитирани во една земја домаќин, низ Шенген зоната ги олеснува злонамерните активности“, се вели во писмото од 11 јуни до шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, видено од Ројтерс.
Министрите рекоа дека собирањето разузнавачки информации, пропагандата „или дури и подготовката на саботажа се главни задачи за голем број руски дипломати во ЕУ“, а иако протерувањата се важни, заканата останува.
„Сметаме дека ЕУ треба строго да го следи принципот на реципроцитет и да го ограничи движењето на членовите на руските дипломатски мисии и членовите на нивните семејства на територијата на земјата каде што се акредитирани“, велат тие.
„Оваа мерка значително ќе го стесни оперативниот простор за руските агенти“, се додава во писмото потпишано од министрите од Чешка, Данска, Естонија, Латвија, Литванија, Холандија, Полска и Романија.
Текстот Осум земји од ЕУ бараат на руските дипломати да им се забрани слободното движење е превземен од МАКФАКС.