Папата Лав помина мирна ноќ по операцијата на рак на белите дробови: се чекаат нови наоди

Папата Лав помина мирна ноќ по операцијата на рак на белите дробови: се чекаат нови наоди

пред 4 часа

Папата Лав XIV помина мирна ноќ во болница по операцијата на рак на белите дробови, објави денес Ватикан. Повеќе информации за неговата состојба се очекуваат подоцна во текот на денот.

На папата вчера му беше дијагностициран аденокарцином, најчестата форма на рак на белите дробови, откако лекарите отстранија мал израсток на неговото десно белодробно крило. Тој беше примен во болницата „Џемели“ во Рим откако лекарите го открија израстокот за време на рутински преглед.

Операцијата траеше околу 90 минути и помина без компликации, потврдија доцна синоќа неговиот хирург Стефано Маргаритора и личниот лекар Луиџи Карбоне. Лекарите рекоа дека го отстраниле целиот долен лобус на десното белодробно крило на папата за да го отстранат целото канцерогено ткиво. Човечките бели дробови имаат вкупно пет лобуси, три во десното и два во лево.

Ватикан сè уште не соопшти колку бил голем туморот или дали ракот се проширил на блиските лимфни јазли. Оваа информација е важна за проценка на понатамошниот тек на болеста, пишува Ројтерс. Д-р Хуанита Мора, портпаролка на Американската асоцијација за белодробни заболувања, изјави за АФП дека е „добро“ што туморот потекнува од белите дробови и не е резултат на ширење на ракот од друг дел од телото.

Дејвид Карбон, директор на Центарот за рак на Државниот универзитет во Охајо, предупреди дека иако пушењето е најпознатиот фактор на ризик за рак на белите дробови, „повеќето од раковите на белите дробови што ги дијагностицираме денес се кај луѓе кои не пушат или кои престанале да пушат пред многу години“, рече тој.

Според Светската здравствена организација (СЗО), ракот на белите дробови е водечка причина за смрт од рак во светот. Сепак, изгледите за лекување значително варираат во зависност од видот на ракот и стадиумот во кој е откриен.

„Кога ја гледаме петгодишната стапка на преживување за аденокарцином на белите дробови, кој е добро локализиран, стапката е приближно помеѓу 63 и 67 проценти. Но, ако го откриеме рано, таа станува помеѓу 80 и 98 проценти, особено по хируршко отстранување“, рече д-р Хуанита Мора. Во таков случај, пациентот „ќе биде излечен и ракот никогаш нема да му го загрози животот“, додаде Шпигел.

Дали на папата ќе му треба хемотерапија?

Сè уште не е познато дали на папата ќе му треба дополнителен третман, како што е хемотерапија или зрачење, по операцијата, објавува АФП. Ова ќе зависи од големината на туморот, неговата агресивност, генетските карактеристики и дали ракот се проширил на други делови од телото. Извор од Ватикан посочи дека се во тек дополнителни тестови.

Карбоне смета дека е охрабрувачки што папата веднаш бил опериран. „Бидејќи ако се проширил, да речеме, на лимфните јазли во средината на градниот кош, ќе имавте некаква терапија пред операцијата, што не беше случај. Тие одат директно на операција само во најраните фази на туморот, поради што мислам дека ова беше тумор во многу рана фаза и има прилично добра прогноза“, објасни тој.

Тој додаде дека третманот на ракот на белите дробови значително напреднал во последните неколку децении и дека прогнозата е подобра од кога било.

Текстот Папата Лав помина мирна ноќ по операцијата на рак на белите дробови: се чекаат нови наоди е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top