Папата ја критикуваше Русија на Велигден: Украина е вовлечена во сурова и бесмислена војна

пред 2 години

Папата Франциско во велигденското обраќање ги повика лидерите да го слушнат плачот на народот за мир во Украина и отворено ја критикуваше Русија дека ја вовлекува земјата во „суров и бесмислен“ конфликт.

Во пораката „Urbi et orbi“ – до градот (Рим) и светот – упатена до толпата од 50.000 луѓе на плоштадот Свети Петар по долгата утринска миса, 85-годишниот Папа посвети најголем дел од своето време на Украина, споредувајќи го шокот од  војната во Европа со шокот на апостолите кога, според Евангелието, го виделе воскреснатиот Исус.

„Потребен ни е Велигден за да веруваме во победата на љубовта, да се надеваме на помирување“, рече Папата.

„Го гледаме овој воен Велигден со неверување. Видовме премногу крв и насилство. И нашите срца се исполнети со страв и вознемиреност затоа што многу наши браќа и сестри мораа да побегнат од бомбардирањето“, додаде Папата, повикувајќи на мир за „измачената Украина“.

Украина, рече тој, е ставена на толку тешко искушение поради насилството и уништувањето на суровата и бесмислена војна во која беше вовлечена. Нека наскоро осамне нова зора на надеж, рече Папата.

Тој им се заблагодари на сите кои примија бегалци од Украина, од кои повеќето засолниште нашле во Полска.

Тој, исто така, повика на помирување меѓу Израелците и Палестинците и за мир и помирување во Либан, Сирија, Ирак, Либија, Мјанмар и Демократска Република Конго, која треба да ја посети во јули, особено за сите христијански заедници кои живеат на Блискиот Исток.

Share
Scroll to Top