На денешната вонредна седница, Парламентот на Црна Гора повторно гласаше со мнозинство гласови за изменување и дополнување на Законот за слобода на вероисповед. За измените и дополнувањата на Законот за вероисповед гласале 41 пратеник од парламентарното мнозинство, без гласови против и воздржани.
Парламентот усвои и други закони што црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ претходно одби да ги потпише и ги врати на повторно изјаснување.
Пакетот закони првпат беше усвоен на седницата на Собранието на крајот на декември минатата година.
Неколку десетици граѓани со знамиња на Црна Гора и НАТО се собраа пред зградата на парламентот.
Опозициските пратеници од редовите на Демократската партија на социјалистите на Мило Ѓукановиќ не присуствуваа на собраниската седница.