Пашинјан: Непријателствата во Нагорно Карабах не се целосно запрени

пред 3 години

Непријателствата во некои места во Нагорно-Карабах продолжуваат и покрај договорот за целосен прекин на огнот, рече ерменскиот премиер Никол Пашинјан во директното обраќање на Фејсбук утринава, пренесува ТАСС.

„Борбите во Нагорно-Карабах не се целосно запрени. Се надеваме дека ќе престанат“, истакна тој.

Ерменија и Азербејџан синоќа потпишаа декларација за прекин на војната во Нагорно Карабах, во посредство на рускиот претседател, Владимир Путин. По објавата за декларацијата, во Ерменија се случуваа насилни протести при што демонстрантите упаднаа  во владината зграда, a претседателот на парламентот е претепан и се наоѓа во сериозна состојба.

Пашинијан посочи дека сите поттикнувачи на протестите во Ереван ќе бидат строго казнети.

„Некои поттикнувачи во Ереван беа во Карабах, но поради некоја причина ги напуштија своите позиции и побегнаа од таму. Меѓу нив има и еден генерал. Јас официјално изјавувам дека сите поттикнувачи ќе бидат најстрого казнети според законот”, рече Пашинјан.

Обновените судири меѓу Азербејџан и Ерменија избувнаа на 27 септември со интензивни битки во спорниот регион Нагорно-Карабах. Областа доживеа разгорување на насилството летото 2014 година, во април 2016 година и минатиот јули.

Азербејџан и Ерменија воведоа воена состојба и почнаа со мобилизација. Двете страни во конфликтот пријавија жртви, меѓу нив и цивили. Како резултат на консултациите иницирани од Русија во Москва, Баку и Ереван се согласија да прекинат со огнот на 10 октомври за хуманитарни цели за размена на воените затвореници и мртвите. Сепак, примирјето подоцна беше прекршено.

Конфликтот меѓу Ерменија и Азербејџан за планинскиот регион Нагорно-Карабах, спорна територија што беше дел од Азербејџан пред распадот на Советскиот Сојуз, но мнозински населена со етнички Ерменци, избувна во февруари 1988 година, кога автономниот регион Нагорно-Карабах најави повлекување од Советската Социјалистичка Република Азербејџан.

Од 1992 до 1994 година тензиите ескалираа во големи воени акции за контрола над енклавата и седумте соседни територии, кога Азербејџан ја изгуби контролата над нив. Разговорите за решението за Нагорно-Карабах траат од 1992 година под водство на групата од Минск на ОБСЕ, предводена од Русија, Франција и САД.

 

Share
Scroll to Top