Пелоси бара на Трамп да му се одземат кодовите за нуклеарното оружје

пред 3 години

Претседателката на демократите во Конгресот на САД, Ненси Пелоси, денес изјави дека разговарала со началникот на Генералштабот на американската армија, Марк Мили. Разговорот бил спроведен со цел да се спречи шефот на државата во заминување Доналд Трамп да иницира воени акции или нуклеарен напад.

Пелоси им рекла на членовите на Конгресот дека разговарала со Мили за „достапните мерки за спречување на нестабилниот претседател да започне воени непријателства или да пристапува до кодови и да нареди нуклеарен напад“, пренесе „Асошиејтед прес“.

Таа изјавила дека ситуацијата со „овој ментално неурамнотежен претседател не може да биде поопасна отколку што е“.

Пелоси се состана вечерва со демократите од долниот дом на Конгресот за да ја разгледа можноста за започнување на постапката за отповикување на републиканецот Трамп, и покрај фактот дека неговиот мандат истекува на 20 јануари.

Извори на АП наведуваат дека Пелоси на состанокот изјавила дека Мили ѝ рекол дека се преземаат чекори што ќе го спречат Трамп да изврши нуклеарен напад.

Вчера, Пелоси и лидерот на демократите во Сенатот, Чак Шумер, ги повикаа американскиот потпретседател во заминување Мајк Пенс и министрите да се повикаат на 25. амандман на Уставот на САД и веднаш да го отстранат Трамп.

Според 25. амандман, потпретседателот на САД и повеќето министри можат да го прогласат шефот на Белата куќа за неспособен за извршување на функцијата. Во тој случај, потпретседателот на Соединетите Држави веднаш ќе стане шеф на државата.

Демократите сакаат да го отстранат Трамп пред 20 јануари, обвинувајќи го за поттикнување  револт на неговите приврзаници кои упаднаа во Конгресот на САД во средата и го држеа под окупација четири часа. Пет лица беа убиени за време на насилствата во Конгресот.

Share
Scroll to Top