Намерите на Русија во врска со нејзиното движење на трупите на границата со Украина остануваат нејасни за САД и Вашингтон ја повика Москва појасно да ги прецизира, изјави портпаролот на американското Министерство за одбрана, Џон Кирби, пренесува ТАСС.
„Намерата не е целосно јасна и верувам дека нашите колеги од Стејт департментот вчера ја повикаа Русија да ги соопшти своите намери. Продолжуваме да ги следиме руските трупи по должината на границата со Украина, конкретно кај Крим “, рече Кирби.
Тој избегна директно да одговори на прашањето дали, според мислењето на Вашингтон, руски трупи можат да бидат распоредени во Источна Украина.
„Се обидувам да избегнам, ако можам, да зборувам за конкретни операции тука, особено за операции на друга војска“, рече портпаролот.
Во понеделникот, портпаролот на Стејт департментот на САД изјави дека неговата земја е подготвена за соработка со Москва во врска со ситуацијата во Источна Украина. Во исто време, според него, САД сметаат дека извештаите за движењето на руските трупи на границата со Украина и на Крим се веродостојни. Портпаролот ја повика Русија да се воздржи од какви било активности што можат да доведат до ескалација.
Во изминатите неколку дена, западните нации изразија загриженост во врска со извештаите на Украина за наводно трупање руска војска на нејзините граници.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека другите земји не треба да сметаат дека загрижувачки е движењето на воените единици на руска територија, бидејќи Русија не претставува закана за другите држави, вклучително и за Украина. Тој исто така истакна дека настаните во Донбас се внатрешен конфликт на Украина и руските трупи никогаш не учествувале во него.