Успехот на планот за имунизација против коронавирусот зависи од тоа колку луѓе ќе сакаат да ја примат вакцината, рече денеска хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ и посочи дека целта е вакцината да ја примаат што повеќе граѓани, односно сите, ако е тоа можно.
На прес-конференција по владината седница на која беше усвоен планот за имунизација, Пленковиќ рече дека пристигнувањето на вакцината е охрабрувачка порака, која дава надеж за нормализирање на животот, социјалните и економските активности.
„Под влијание сме на криза без преседан која го промени светот“, нагласи хрватскиот премиер.
Пленковиќ денеска предупреди дека намалувањето на бројот на новозаразени, не треба да доведе до опуштање кај граѓаните.
„Нема никаква причина за опуштање. Вирусот и понатаму е тука и убива“, изјави премиерот на Хрватска пред новинарите.