Подолг полициски час уште во осум француски департмани

пред 4 години

Француската влада, соочена со заканата од новиот, позаразен вид на коронавирус, денеска донесе одлука за продолжување на полицискиот час во уште осум департмани, но локалните претставници не се задоволни од натамошното заострување на мерките и ја оспоруваат нивната ефикасност.

При посетата на југозападна Франција, премиерот Жан Кастекс објави дека полицискиот час се поместува од 18 часот во уште осум департмани, бранејќи ги, како што рече, тешките, но многу потребни мерки, пред епидемијата што не згаснува.

Буш ду Рон, департман околу Марсеј, втор по големина француски град, ќе биде вклучен во списокот.

„Оваа одлука е особено оправдана по откривањето на поголема група семејства со верзијата на вирусот која потекнува од Велика Британија“, напишал префектот Кристоф Мирманд во соопштение.

Овие департмани се приклучуваат на бројката од 15 области, претежно на истокот на Франција, за кои минатата недела беше објавена ваква мерка, а во остатокот од земјата полицискиот час започнува во 20 часот.

Дел од локалните претставници на овие департмани изјавиле дека се сомневаат во ефективноста на таквата здравствена мерка во приградските и руралните области.

„Во 18 часот, ризичните жители се веќе во нивните домови, а продавниците, рестораните кој продаваат храна за носење, бензинските пумпи и пекарите се во неповолна положба“, истакнале тие.

Владата смета дека ширењето на епидемијата забавила благодарение на полицискиот час за прв пат воведен кон крајот на октомври. Сепак, тој не спречи воведување на втор карантин, истакнуваат неговите критичари.

По откривањето на жариштето во Буш ду Рон, со новиот вид на коронавирус сега се заразени 40 лица во земјата и тројца со другиот вид откриен во Јужна Африка, соопшти француското Министерството за здравство.

Share
Scroll to Top