Полицајци во БиХ се заглавиле во лифт, па им избегале дилерите кои требало да ги апсат

пред 2 години

Полициска акција во Тузла доживеала огромно фијаско. Невообичаената ситуација се случила кога припадници на специјалната полиција, со задача да уапсат двајца дилери, се заглавиле во лифт на станбена зграда. Дилерите кои требало да ги уапсат избегале.

Како што пишува „Клих.ба“, група припадници на Специјалната единица на полициската управа на Министерството за внатрешни работи на кантонот Тузла минатиот петок тргнале на задача во која требало да уапсат две лица осомничени за пуштање дрога во промет. .

Осомничените биле во стан на 13 кат од станбена зграда во Тузла. Но, акцијата, како што неофицијално дознава Клих, тргнала наопаку, бидејќи четворица полицајци се заглавиле во лифт кој според неговата конструкција бил наменет за две лица.

Извори на порталот наведуваат дека заглавените полицајци потоа побарале помош, а осомничените дилери таквите информации ги искористиле како можност да избегаат и фрлиле дел од дрогата.

Набргу потоа, заглавените полицајци неповредени се извлечени од лифтот, а како учесници во целосно неуспешното фијаско, се вратиле во просториите на единицата, без дилерите.

Засега не се знае дали и какви санкции ќе бидат изречени за полицајците кои очигледно несовесно влегле во лифтот, а полициската управа на МВР на кантонот Тузла официјално не се огласи за овој случај.

Share
Scroll to Top