Португалската полиција рано утрово со употреба на штитови и палки го отстрани шаторскиот камп на плоштадот Росио, во центарот на Лисабон, откако стотици демонстранти се обидоа да го спречат уривањето на шаторите поставени по вчерашниот масовен протест против владиниот закон за закупнини.
Португалија се соочува со една од најтешките станбени кризи во Европа, а младите се особено погодени. Цените на недвижностите се зголемиле повеќе од двојно од 2017 година, додека кириите за новите договори речиси се удвоиле. Демонстрантите предупредуваат дека предложените законски измени дополнително ќе ја влошат состојбата.
По вчерашниот протест, на кој се собраа неколку илјади луѓе, учесниците поставија повеќе од 50 шатори на плоштадот Росио. Тие најавија дека ќе продолжат со протестите против предлог-законот на владата, со кој ќе се олесни иселувањето на закупците и ќе се укинат ограничувањата на кириите за новите договори.
Околу 3:30 часот утрово, десетици полицајци, меѓу кои и службеници со кучиња, пристигнале на плоштадот. Полицискиот командир трипати ги предупредил демонстрантите дека мора да ги отстранат шаторите бидејќи се поставени нелегално.
Тој предупредил и дека оние што нема да ги почитуваат полициските наредби може да се соочат со обвиненија за непослушност. Бидејќи демонстрантите одбиле да го напуштат кампот, полицијата започнала со отстранување на шаторите, користејќи штитови за да ја потисне толпата. Во неколку наврати биле употребени и палки за растерување на насобраните луѓе.
Полицијата ноќеска отстранила и помал шаторски камп на плоштадот Дом Жоао Први во Порто, вториот по големина град во Португалија. И таму демонстрантите се собрале за да го изразат незадоволството од владината политика за домување.
Претставникот на Социјалистичката партија, Педро Делгадо Алвес, претходно предупредил дека собирот на плоштадот Росио бил мирен и дека немало причина за насилна полициска интервенција.
Според него, ништо не ја оправдува „полициската интервенција со употреба на сила, физичко насилство или удари со палки, сцени какви што видовме минатата недела“.
Полицијата и минатиот викенд беше критикувана поради начинот на кој ги отстрани шаторските кампови од истите плоштади. Тогаш, исто така, беа употребени палки, а беа уапсени и десетици демонстранти.
Протестите поради високите трошоци за домување се интензивираат низ Португалија во последните недели. Слични собири се одржуваат и во Шпанија, Франција, Германија и други европски земји.
Текстот Полицијата со штитови и палки го растера кампот на демонстрантите во Лисабон е превземен од МАКФАКС.





