Полска воведе ограничувања на воздушниот сообраќај по должината на своите источни граници со Белорусија и Украина, соопшти денеска Оперативната команда на вооружените сили, пренесе „Ројтерс“.
Полска вчера наутро, со поддршка на сојузнички авиони на НАТО, собори руски дронови во својот воздушен простор – прв познат случај членка на НАТО да отвори оган за време на војната на Русија против Украина.
„На барање на Оперативната команда на вооружените сили ограничувањата на воздушниот сообраќај ќе бидат воведени во источниот дел на Полска во форма на зона со ограничувања EP R129“, соопшти Полската агенција за управување со воздушниот сообраќај во изјава објавена доцна синоќа.
Ограничувањата стапија во сила на полноќ и ќе важат до 9 декември. Од зајдисонце до изгрејсонце летовите во ограничената зона се забранети, освен за екипирани авиони, кои летаат според летен план, имаат активни транспондери и одржуваат двонасочна комуникација со надлежните воздушни власти.
Исклучоците важат за воени летови и за одредени специјални летови со посебни ознаки. „Од зајдисонце до изгрејсонце важи целосна забрана на летови, освен за воени авиони. Во зоната EP R129, 24-часовна забрана за летови се применува на цивилни беспилотни летала“, соопшти Агенцијата.
Руското министерство за одбрана вчера соопшти дека неговите дронови извеле голем напад врз воени објекти во западна Украина, но дека не било планирано гаѓање цели во Полска.
Текстот Полска воведе ограничувања за воздушниот сообраќај на истокот на земјата е превземен од МАКФАКС.