Скандал го тресе Перу поради тајно вакцинирање против коронавирус на високи владини претставници. Поради тоа оставки поднесоа министерката за здравство и министерот за надворешни работи.
Еден лекар открил дека тамошниот поранешен претседател на државата, Мартин Вискара, се вакцинирал против коронавирус во октомври минатата година.
Се работи за лекар кој го водел клиничкото испитување на кинеската вакцина „Синофарм“, а тој за пораншениот претседател зборувал пред парламентот на државата, нагласувајќи дека Вискара сам побарал да се вакцинира иако вакцината се уште била во фаза на испитувања.
„ Први октомври Вискара се занимаваше со вакцината. И утредента се одлучи и побара да го вакцинирам“ рекол докторот Герман Малага, професор на Универзитетот Кајетано Хередиа, кој ги водел клиничките испитувања на кинеската вакцина на 12.000 Перуанци.
Малага за време на видеоконференциско сведочење пред парламентарниот одбор рекол дека поранешниот претседател не бил волонтер во испитувањата и дека знаел дека се работи за активна вакцина, а не за плацебо.