Поранешниот претседател на Украина обвинет за велепредавство останува на слобода

пред 2 години

Украинскиот суд во средата донесе одлука за ослободување на поранешниот претседател и лидер на опозицијата Петро Порошенко, обвинет за велепредавство, со забрана за напуштање на земјата.

Одлуката ја прочита судијата Олексиј Соколов. Реагирајќи на одлуката, Порошенко и членовите на неговото семејство ја пееја националната химна во судницата, јавија новинарите на АФП од местото на настанот.

Обвинителството побара притвор или кауција од 30 милиони евра доколку не сака да оди во затвор.

Порошенко, лидер на украинската опозиција и 56-годишен милијардер, во понеделникот се врати во Украина по едномесечен престој во странство, иако му се закануваше апсење.

Инспекторите се сомневаат дека Порошенко соработувал со прорускиот тајкун Виктор Медведчук, близок до претседателот Владимир Путин, за да им помогне на компаниите во источна Украина, контролирани од проруските сепаратисти во војна со Киев, да купуваат јаглен во 2014 и 2015 година.

Државното обвинителство наведува дека поранешниот претседател на тој начин користел државни пари за финансирање на сепаратистите, што е чин на „велепредавство“, за што може да добие 15 години затвор.

Порошенко, кој за време на неговиот мандат имаше многу лоши односи со Русија, ја водеше земјата во време кога конфликтот беше на врвот.

Денеска е пратеник и неговото име се споменува во десетици судски случаи. За време на неговиот мандат, тој ја приближи земјата до Западот, но не ја искорени корупцијата и сиромаштијата.

Share
Scroll to Top