Поранешни германски министри поднесоа кривични пријави против Путин и други руски претставници

пред 3 години

Двајца поранешни министри на германската влада денеска поднесоа кривични пријави до германските сојузни обвинители, барајќи отворање истрага за воени злосторства против руски официјални лица, вклучително и претседателот Владимир Путин, поради конфликтот во Украина.

Поранешната министерка за правда Сабине Лојтројзер-Шнаренбергер и поранешниот министер за внатрешни работи Герхарт Баум изјавија дека сакаат да ги искористат германските закони кои дозволуваат кривично гонење за тешки злосторства извршени во странство за да ги изведат пред лицето на правдата оние што ги сметаат за одговорни за злосторствата во Украина, пренесува АП.

Адвокатот Николаос Газеас, кој во нивно име состави кривична пријава од 140 страници, рече дека таа не се однесува само на руското раководство, претседателот Путин и 32 члена на неговиот Совет за безбедност, туку и за цела низа припадници на руската војска.

„Тужбата опфаќа различни кривични дела, од нападот на нуклеарната централа до бомбардирањето на породилиштето во Мариупол, рече адвокатот“, додавајќи дека сојузните обвинители би можеле да одлучат дали ќе го започнат процесот врз основа на информациите добиени од разузнавачките агенции.

Тој особено го цитираше денешниот извештај на неделникот „Шпигел“ дека германската разузнавачка агенција пресретнувала радио пораки меѓу руски војници во кои разговарале за убиствата на цивили во украинскиот град Буча.

Share
Scroll to Top