Австрија е една од 17. европски земји кои добиле дози од серијата вакцини на „Астразенека“, чија употреба беше запрена од страна на властите во оваа држава, додека истражуваат случај на смрт и болест по нејзината употреба, изјави висок здравствен службеник.
49-годишна медицинска сестра во Цветл, град северозападно од Виена, починала од сериозно нарушување со згрутчување на крвта, по приемот на вакцината.
Друга медицинска сестра, исто така од Цветл, која има 35 години и добила доза од истата серија, АBV 5300, развила белодробна емболија и се опоравува.
„Ги информиравме сите европски колеги во европската мрежа бидејќи серијата, со околу еден милион дози, е испратена во 17 европски земји“, рече на прес-конференција Криста Виртумер-Хоче, шефица на надзорното тело на пазарот за лекови при австриската агенција за јавно здравје АГЕС.
„Комитетот за проценка на ризици при Европската агенција за лекови (ПРАЦ), кој ја надгледува безбедноста на лековите, расправаше за случајот во понеделникот“, соопшти Виртумер-Хоче, која е и на чело на управниот одбор на Агенцијата.
Таа не прецизираше за кои земји станува збор, ниту пак дали и какви чекори се преземени. „Астразенека“ соопшти дека е во контакт со австриските власти и дека целосно ќе ја поддржи истрагата.
Англиско-шведската компанија соопшти дека сите серии биле предмет на строга и ригорозна контрола на квалитетот и дека нема потврдено никакви сериозни несакани дејства поврзани со вакцините.
Ќе биде спорведена аутопсија врз телото на починатата медицинска сестра, а Виртумер-Хоче рече дека очекува резултати следната недела.
Регулаторите на Европската унија ја одобрија вакцината кон крајот на јануари, велејќи дека е ефикасна и безбедна за употреба, додека Светската здравствена организација ја стави на списокот за итна употреба кон средината на февруари.