Руската и украинската делегација ќе одржат нова рунда разговори во Турција од понеделник до среда, најави еден од украинските преговарачи Дaвид Арахамиа.
Рускиот главен преговарач Владимир Медински, цитиран од руските агенции, исто така најави одржување на нова рунда преговори, но рече дека тоа ќе биде во вторник и среда, без да прецизира местото.
На 10 март во Анталија, Турција, на ниво на министри за надворешни работи, на предлог на Анкара, веќе се одржа рунда руско-украински разговори, но без конкретен напредок.
Оттогаш, преговорите се водат преку видео-конференција и двете страни ги опишаа како „тешки“.
„Процесот на преговори е многу тежок. Украинската делегација зазеде цврст став и не се откажува од своите барања. Пред сè, ние инсистираме на прекин на огнот, безбедносни гаранции и територијален интегритет на Украина“, изјави украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба.
„Ние сме во застој за главните политички прашања“, рече Владимир Медински, цитиран од руските новински агенции. Медински додаде дека Москва инсистира на потпишување „сеопфатен договор“ кој ќе ги земе предвид барањата за неутралност, демилитаризација и „денацификација“ на Украина, како и признавање на суверенитетот на Русија над Крим и независноста на двете проруски сепаратистички републики на Донбас.