Претседателот на „Мајкрософт“: Вештачката интелигенција е помалку регулирана од млекото; потребни ни се итни решенија

Претседателот на „Мајкрософт“: Вештачката интелигенција е помалку регулирана од млекото; потребни ни се итни решенија

пред 4 часа

Претседателот на „Мајкрософт“, Бред Смит, предупреди дека производите како млекото и машините за перење моментално подлежат на построги регулативи отколку вештачката интелигенција. Следствено на тоа, тој се залага за воведување глобални безбедносни правила за вештачката интелигенција (ВИ), пренесува Би-би-си.

Ставовите на Смит се во спротивност со политиката на претседателот Доналд Трамп, кој смета дека секторот треба сам да се регулира за американските компании да не заостанат зад кинеските конкуренти. Сепак, Смит е дециден: „Во моментов, постојат построги безбедносни правила за вашата машина за перење отколку за вештачката интелигенција. Секое пакување млеко што го гледате во продавница поминува низ безбедносни проверки и инспекции“.

Повиците за закони кои би ја контролирале вештачката интелигенција станаа погласни откако експерти од индустријата предупредија дека оваа технологија претставува закана за човештвото. Лидерите на технолошките компании како Anthropic, OpenAI и Google DeepMind ја поддржаа идејата за забавување на развојот на AI – потег на кој Трамп се противи.

Итна потреба од правила
Во интервју за Би-би-си, Смит ја опиша вештачката интелигенција и како „алатка“ и како „оружје“ и ја нагласи итната потреба од регулатива. „Ајде да почнеме со ова уште денес“, рече тој. Тој смета дека компаниите треба да имаат „безбедносни кочници“ – во индустријата познати како „прекинувачи за итно исклучување“ (kill switches) – кои би им овозможиле да ја запрат или забават ВИ доколку таа излезе од контрола.

Тој исто така предлага компаниите законски да бидат обврзани да составуваат „извештаи за инциденти“ и да ги известуваат жртвите доколку технологијата стане непредвидлива. Според него, независни владини експерти треба да ја проверуваат новата технологија за ВИ пред таа да биде пуштена во јавноста. „Знаеме како се прави тоа со други производи“, рече Смит. „Треба да го искористиме тоа знаење и да размислиме како да го примениме на ВИ“.

Смит смета дека Обединетото Кралство е во најдобра позиција да го предводи процесот на воведување глобални правила, благодарение на својот Институт за безбедност на ВИ, формиран за време на владата на поранешниот премиер Риши Сунак. „Во светот на технологијата, повеќето луѓе што ги познавам би се согласиле дека Обединетото Кралство е лидер во техничките способности. Тие едноставно се најдобри“.

Иако Трамп се залага за забрзан развој под мотото „кој ќе победи во ВИ, победува сè“, Смит не смета дека американската влада нужно би се спротивставила на регулатива предводена од Обединетото Кралство. Тој смета дека САД полесно би ги прифатиле стандардите поставени од Обединетото Кралство отколку оние од Европската Унија. „Во Вашингтон не гледаат на Лондон на истиот начин како што гледаат на Брисел – а тоа е предност“, рече тој.

Дали саморегулацијата не е доволна?
„Кога гледате агенти со вештачка интелигенција кои се надвор од човечка контрола или модели толку моќни што ја загрозуваат глобалната сајбер-безбедност, би рекол дека тој момент е веќе пристигнат. Да разговараме смирено, можеби тивко, но одлучно, и да почнеме да ги обединуваме луѓето. Се надевам дека ние како компанија, но и Обединетото Кралство како земја, можеме да ја одиграме таа улога“, додаде тој.

Кон крајот на минатиот месец, Трамп во Белата куќа ги пречека лидерите на компаниите OpenAI, Anthropic, Nvidia, SpaceX, Meta и Google. При таа пригода, тие потпишаа документ што го опишаа како „морално обврзувачки“. Компаниите се согласија да соработуваат со „независни ревизори“ за да проценат дали нивните системи со вештачка интелигенција функционираат како што е предвидено и за да се осигураат дека тие не попречуваат други технички системи на непредвидливи начини.

Смит вели дека ја поздравува иницијативата и дека Microsoft со задоволство ќе ја потпише. „Тоа е добар и неопходен чекор, но сметам дека веќе не е доволен.“ Тој објасни дека главниот предизвик кај секој систем за саморегулација е тоа што „добрите компании ќе го направат она што се бара од нив“, додека проблемот лежи кај компаниите кои не се толку одговорни.

Текстот Претседателот на „Мајкрософт“: Вештачката интелигенција е помалку регулирана од млекото; потребни ни се итни решенија е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top