Претседателот на Туркменистан подигна златен споменик на куче во време кога земјата е во криза

пред 3 години

Претседателот на Туркменистан во главниот град откри златен споменик, посветен на неговата омилена раса кучиња – средноазиски овчар.

И додека Туркменистан, како и целиот свет, се бори со кризата поради пандемијата, во главниот град Ашгабат осамна споменик висок 6 метри.

Средноазискиот овчар, попознат како Алабаи, е национален симбол на Туркменистан и не е прв пат претседателот Гурбангули Бердимухамедов да и посвети нешто на оваа раса. Имено, минатата година тој му посвети една книга на своето омилено куче.

Величествениот споменик е подигнат во делот на градот каде што живее претежно сиромашното население и никој не знае колку чинела неговата изградба.

За време на откривањето на споменикот, на едно момче му беше подарено кутре од ова расно куче, како и рачно везен тепих и тркачки коњ од расата ахал-теке, на кои Бердимухамедов исто така е многу горд.

Претседателот во повеќе наврати ја искажал својата љубов кон туркменските коњи, а колку е приврзан за нив, можеби најдобро покажува друг златен споменик, на кој е претставен како јава на ахал-теке. Споменикот е откриен во Ашгабат во 2015 година.

Бердимухамедов честопати на водачите на пријателските земји им подарува ждребиња од туркменски коњ, како и кутриња од средноазиски овчар.

Владимир Путин, кој е познат како голем љубител на кучиња, исто така своевремено го доби како подарок.

Share
Scroll to Top