103 евакуирани Руси од Газа, се вратени дома со специјален лет

Примирјето во Газа истекува денеска: Хамас бара продолжување, Нетанјаху разговарал со Бајден

пред 6 месеци

На четвртиот, последен ден од договореното примирје, Израел го доби списокот со последните 11 заложници, кои денеска треба да бидат ослободени по 52 дена во заробеништво на Хамас.

Палестинската милитантна организација вети дека ќе ослободи вкупно 50 жени и деца киднапирани во Газа во замена за ослободување на 150 Палестинци од израелските затвори, освен ако договорот не биде продолжен под нови услови, пишува „Тајмс оф Израел“.

Хамас во неделата објави дека на третиот ден од прекинот на непријателствата со израелската армија ослободи 13 израелски заложници, како и четворица странци – тројца тајландски и еден руски државјанин, објави претходно „Ројтерс“.

Меѓутоа, израелската армија објави дека 14 Израелци и тројца странци се ослободени и предадени на Меѓународниот комитет на Црвениот крст.

Во соопштението објавено во неделата вечерта, Хамас рече дека сака да го продолжи примирјето по завршувањето на четвртиот ден, во обид да ослободи повеќе Палестинци од израелските затвори.

Договореното примирје веќе вклучува одредба да се продолжи за уште еден ден за секои десет заложници што Хамас се согласува да ги ослободи.

Американскиот претседател, Џо Бајден, разговараше со израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху, за ситуацијата во Појасот Газа и тие се согласија да продолжат да соработуваат за ослободување на преостанатите заложници, соопшти Белата куќа.

Бајден го поздрави ослободувањето на заложниците од Хамас во изминатите три дена, вклучително и една американска девојка. Лидерите разговараа и за привремен прекин на огнот и неопходноста од доставување поголема хуманитарна помош за Појасот Газа.

Нетанјаху му се заблагодари на Бајден за неговото посредување во преговорите со Хамас и се согласија дека работата не е завршена и дека ќе продолжат да соработуваат за ослободување на преостанатите заложници. Беше договорено Бајден и Нетанјаху да останат во близок контакт во наредните денови.

Израелската влада разговараше за можноста за продолжување на привременото примирје со Хамас, изјави неименуван извор за „Си-Ен-Ен“.

Изворот додаде дека условите за продолжување на примирјето остануваат непроменети од првичниот договор, што значи дека Хамас мора да ослободи дополнителни 10 заложници за секој ден кога нема борби.

Покрај прекинот на огнот, договорот вклучува и ослободување на одреден број палестински затвореници и деца од израелските затвори, додава американската телевизиска мрежа.

Прекинот на огнот дозволи поголем број хуманитарни конвои да влезат отколку пред прекинот на огнот, се додава.

 

Текстот Примирјето во Газа истекува денеска: Хамас бара продолжување, Нетанјаху разговарал со Бајден е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top