Принцот Хари предупреди за Русија и изјави дека е подготвен да се врати во војската

Принцот Хари предупреди за Русија и изјави дека е подготвен да се врати во војската

пред 35 минути

Принцот Хари изјави дека е подготвен повторно да служи во британската војска доколку се појави потреба. Тој предупреди на заканата што ја претставува Русија и рече дека сите треба да бидеме загрижени, пишува британскиот весник „Телеграф“ (The Telegraph).

Принцот Хари даде интервју за подкастот на „Телеграф“ насловен „Украина: Најнови вести“ (Ukraine: The Latest), за време на ненајавената посета на Лавов, град во западна Украина. Ова е негово прво големо интервју за некој британски медиум откако се врати во Обединетото Кралство.

Хари остро го критикуваше пристапот на американскиот претседател Доналд Трамп кон војната во Украина. Тој тврди дека ставот на Трамп кон таа војна не ги одразува ставовите на мнозинството американски граѓани.

Хари, кој помина десет години во британската војска, изјави дека е подготвен повторно да им се придружи на вооружените сили доколку биде повикан.

„Можеме многу да научиме од Украина. Мислам дека целиот свет може многу да научи од Украина“, рече тој.

„Ако бидам повикан повторно да се приклучам на војската, доколку се појави потреба, ќе бидам 100 отсто подготвен да ѝ служам на мојата земја, рамо до рамо со моите соборци, ветерани и припадници на вооружените сили“, изјави Хари.

Принцот Хари смета дека Обединетото Кралство, всушност, веќе десет години е во конфликт со Русија, иако тој конфликт не се води на ист начин како што денес се води војната во Украина.

„Само затоа што кон нас не летаат беспилотни летала, куршуми и ракети, тоа не значи дека не сме во војна“, рече тој.

Хари додаде дека верува оти Европа конечно станала свесна за заканата што ја претставува Русија. Сепак, тој предупреди дека негова најголема грижа е можноста европските нации да почнат да се свртуваат една против друга.

Според него, Европа се разбудила и ја сфатила заканата што доаѓа од Русија, но негов најголем страв е дека континентот би можел на крајот да се сврти сам против себе.

Текстот Принцот Хари предупреди за Русија и изјави дека е подготвен да се врати во војската е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top