Роман Протасевич и неговата девојка кои беа уапсени во Минск на 23 мај по присилното слетување на авионот, излегоа од затвор и сега се во домашен притвор, јавија руските агенции.
Ова го потврдиле и нивните родители. Властите не се огласија, но родителите на младиот пар велат дека обвиненијата против нив за организирање на немирите во Белорусија по претседателските избори не се повлечени.
Софија Сапега има и руско државјанство, а дипломатските претставници на Русија се залагаа за нејзино ослободување. Нејзините родители сметаат дека Путин му предложил на Лукашенко, Софија да биде ослободена од затвор и да чека судење дома. Руски дипломати во Минск тврдат дека на Лукашенко му било сугерирано да ја помилува Сапега. Интересно е што нејзините родители не сакаат да соопштат во кој стан се наоѓа нивната ќерка во Минск, бидејќи очигледно властите ја замолиле да не биде во контакт со бројни новинари кои би ја повикале, пишуваат гласилата.
На Софија и било дозволено да биде во контакт само со одредени луѓе. Забрането е да користи Интернет. Може да се сретне само со родителите и адвокат. Нејзините родители исто така тврдат дека таа им рекла дека правилно се однесувале кон неа во затвор.
Дмитриј Протасевич, татко на Роман потврдил дека неговиот син е дома, но не знае каква е судбината на неговиот син со обвинението кое сè уште е во сила.
Сосема неочекувано, Роман зборуваше за тоа како е организирана белоруската опозиција и кога ги добила парите. Протасевич ја призна вината и раскажа се што знаеше.Тој исто така рече дека верува оти луѓето од седиштето на Светлана Тихановскаја и соопштиле на белоруската полиција дека тој бил во авион кој летал од Атина до Вилнус, анализираат медиумите.
Според нив, ослободувањето на опозициската двојка од затвор е нов потег на претседателот Александар Лукашенко, со која тој сака да му покаже на Западот дека не е суров диктатор и дека опозицијата, предводена од Светлана Тихановскаја, е всушност марионетска група што го прави она што и го предлагаат странските спонзори.