Протест во Петриње, граѓаните незадоволни од бавната реконструкција

пред 4 години

Денес во Петриње се одржа мирен протест на кој се собраа околу стотина граѓани незадоволни од бавната реконструкција на градот по разорниот земјотрес.

Повеќето критики како што известуваат локалните медиуми, биле упатени кон сегашниот градоначалник Даринко Думбовиќ.

Незадоволните граѓани побараа од надлежните власти јасни одговори на прашањата во врска со реконструкцијата на градот.

Собраните извикуваа пароли „Градот не е згради туку луѓе“, „Ние сакаме да останеме во Петриње“, „Каде е градежниот материјал“ и слично.

Тие исто така побараа градежниот материјал да се дистрибуира според критериумите и проверените списоци, а не да лежи во скриени магацини.

Градоначалникот на Петриње, Даринко Думбовиќ, изјавил дека станува збор за мала група незадоволни луѓе, кои немаат поддршка од мнозинството граѓани, пренесуваат медиумите во регионот.

„Најлесно им е да критикуваат и да именуваат други, наместо да се фатат за работа и да дадат свој придонес за обновување. Морам да кажам дека меѓу нив има луѓе чија репутација е доведена во прашање и кои, за разлика од мене, веќе ги имаат своите досиеја“, кажа Думбовиќ.

Share
Scroll to Top