Рускиот претседател Владимир Путин не ја исклучува можноста во светот да се појават нови, поопасни соеви на коронавирусот, нагласувајќи дека Светската здравствена организација би можела да го забрза признавањето на новите вакцини против Ковид-19.
„Во азиско-пацифичкиот регион и воопшто во светот, сè уште има бројни социо-економски и други проблеми за кои веќе зборувавте, а коронавирусот е далеку од поразен. Не е исклучена појавата на нови и уште поопасни видови на таа инфекција“, рече Путин, говорејќи на самитот на форумот „Азиско-пацифичка соработка“, кој се одржа во формат на видео конференција.
Тој посочи и дека е потребно да се направи се за да се зајакнат здравствените системи на земјите.
„Решавањето на овие големи задачи секако ќе придонесе за квалитетно зајакнување на меѓународната соработка во медицинската и фармацевтската сфера“, изјави рускиот лидер.
Истовремено, тој повика на взаемно признавање на вакцините и сертификатите за вакцинација против коронавирус во светот што е можно поскоро, потсетувајќи дека Русија таа иницијатива ја претстави на неодамна одржаниот самит на Г20.
„Сигурен сум дека колку побрзо тоа се направи, толку полесно ќе биде целосното обновување на глобалниот бизнис, туризмот и другите активности. Нашата земја ќе продолжи да им помага на сите земји на кои им е потребна помош со испорака на вакцини, лекови, опрема, тестови, опрема за лична заштита“, прецизира Путин.
Во таа насока, рускиот лидер истакна дека Светската здравствена организација може да ги забрза процедурите за проценка на квалитетот и безбедноста на вакцините против коронавирусот, што ќе придонесе за меѓусебно признавање на сертификатите.
Тој нагласи дека активностите на СЗО заслужуваат секаква поддршка
„Со наша заедничка помош, СЗО би можела да биде уште поактивна во справувањето со масовната имунизација на населението, имајќи предвид дека, за жал, како што веќе беше кажано, многу земји немаат пристап до вакцини“, нагласи Путин.
Тој додаде дека тоа меѓу другото се случува поради нелојалната конкуренција, протекционизмот и неподготвеноста на одредени земји за меѓусебно признавање на вакцините и сертификатите.