Рускиот претседател Владимир Путин е здрав и во најдобра форма досега, изјави неговиот близок сојузник, белорускиот претседател Александар Лукашенко во интервју за јапонската телевизија ТБС.
„Тој и јас не само што се среќаваме како шефови на држави, туку сме и во пријателски односи“, изјави Лукашенко. „Апсолутно сум запознаен со сите детали, колку што е можно, државни и лични“, додаде тој.
Русија на 24 февруари започна инвазија на Украина и од белоруска територија.
Западните лидери сугерираат дека Путин направил непоправлива грешка со тоа што извршил инвазија на Украина, за време на која руските сили претрпеле големи загуби, а напредокот, како што велат, во голема мера бил запрен по првите неколку дена.
Британскиот премиер Борис Џонсон посочи дека Путин е ирационален, а холандскиот премиер Марк Руте го опиша како целосно параноичен. Лукашенко ја отфрла тезата дека способностите на Путин (69) не се на својот врв.
„Западот и вие треба да се тргнете од оваа глупост, оваа фикција во вашите глави“, му рекол Лукашенко на јапонскиот новинар.
„Путин е апсолутно фит, во најдобра форма досега… Тој е сосема здрава, трезвена личност, физички здрав – тој е и спортист“, рече Лукашенко.
„Како што велат овде – ќе настине на сите наши погреби“, додаде тој.
Лукашенко, исто така, изрази жалење за распадот на Советскиот Сојуз во 1991 година, што повеќепати го кажа и Путин.
„Распадот на Советскиот Сојуз е трагедија“, рече Лукашенко.
„Да опстанеше Советскиот Сојуз до денешен ден, ќе избегневме разни конфликти во светот“, посочи тој.