Рускиот претседател Владимир Путин на самитот на земјите извознички на гас во Москва изјави дека обидите за истиснување на Русија од светскиот пазар на гас ги зголемуваат трошоците за потрошувачите, додека Европската Унија, откажувајќи се од руските енергенси, ѝ нанесува штета на сопствената индустрија и социјалниот систем.
„Сите обиди за исклучување на Русија имаат сериозни последици. Пред сè, растат трошоците за странските крајни потрошувачи на гас, компаниите, претпријатијата и домаќинствата. Токму тоа сега го гледаме во Европа, која самата им нанесува удар на својата индустрија и социјалната сфера, откажувајќи се од руските енергенси и раскинувајќи ги долгорочните договори“, изјави Путин.
Рускиот претседател употреби и поговорка за да ја опише европската енергетска политика.
„Кај нас постои изрека: Не копај му јама на друг, бидејќи самиот ќе паднеш во неа. Токму тоа им се случи на земјите од Европската Унија“, рече Путин.
Тој нагласи дека Русија останува еден од клучните учесници на светскиот пазар на гас, со најголеми потврдени резерви на природен гас и второ место според производството.
Според податоците што ги изнесе, светската потрошувачка на гас минатата година пораснала за 1,2 отсто, на околу 4,2 билиони кубни метри, а до средината на векот би можела да достигне 5,5 билиони кубни метри годишно. Путин ги повика земјите извознички да го зголемат производството и инвестициите во нови наоѓалишта и инфраструктура.
Тој посочи и дека Русија разгледува можности за соработка со американски партнери во гасниот сектор, без да наведе детали за потенцијалните проекти.
На самитот во Москва учествуваат претставници на 12 земји членки на Форумот на земјите извознички на гас, кои заедно располагаат со приближно 70 отсто од потврдените светски резерви на природен гас.
Европската Унија на почетокот на годинава усвои прописи за постепено укинување на увозот на руски гас. Забраната за увоз на руски течен природен гас (ЛНГ) според долгорочните договори треба да почне да се применува од 1 јануари 2027 година, а за гасот преку гасоводи од 30 септември 2027 година.
Рускиот вицепремиер Александар Новак изјави дека Москва е подготвена повторно да ги зголеми испораките на гас за европските земји доколку тие го побараат тоа.
Текстот Путин за санкциите на ЕУ: Кој на друг му копа јама, сам во неа паѓа е превземен од МАКФАКС.





