Работник мигрант жив запален во Либија

пред 3 години

Тројца мажи упаднале во фабрика во Триполи, истуриле бензин врз нигериски работник и го запалиле, соопшти либиското Министерство за внатрешни работи. Осомничените за нападот, сите либиски државјани се приведени, пишува Си-Ен-Ен. „ Младиот човек беше изгорен жив, во уште едно бесмислено злосторство против мигрантите. Одговорните мора да бидат изведени пред лицето на правдата”, напиша на Твитер Федерико Сода, шеф на организацијата на ООН која се занимава со миграција во Либија. Зафатената од војна, Либија постојано е обвинувана за нетолеранција кон мигрантите и бегалците, од кои многу патуваат низ земјата обидувајќи се да стигнат до побезбедните брегови во Европа. Минатиот месец, непрофитната организација за човекови права Амнести Интернешнл објави извештај со детали за „ужасните злоупотреби“ на мигрантите во Либија, вклучувајќи убиства, киднапирања, тортура и силување. Во 2017 година, новинарите на Си-Ен-Ен беа сведоци на продажба на десетици мажи на аукција на робови во Либија.

Share
Scroll to Top