Радев: Бугарија очекува конкретни резултати во однос на почитувањето на човековите права во Македонија

пред 3 години

Во дијалогoт со Република Северна Македонија, Бугарија ги брани не само националните интереси, туку пред се вредностите на Европската Унија, кои се темелат на демократија и почитување на човековите права. Ова го изјави бугарскиот претседател Румен Радев, кој денеска одржал телефонски разговор со претседателот на Сојузна Република Германија Франк-Валтер Штајнмаер, пренесуваат бугарските медиуми.

Разговорот го иницирал германскиот претседател во пресрет на Самитот ЕУ-Западен Балкан, што ќе се одржи на 5 и 6 октомври во Словенија.

„Целиот регион ќе има корист од напредокот постигнат во процесот на европска интеграција на Република Северна Македонија“, истакнал Радев, додавајќи дека Бугарија очекува конкретни резултати во однос на почитувањето на човековите права во Република Северна Македонија, што ќе го забрза овој процес.

„Во моментов, во тек е попис на населението во Република Северна Македонија и во Бугарија има голем број сигнали за притисок врз луѓето кои отворено го изјавуваат својот бугарски идентитет, што е неприфатливо за земја која аплицира за членство во ЕУ“, потенцирал Радев според соопштението од неговата прес -служба.

Радев, исто така, нагласил дека бројните декларации и ветувања дадени од државниот врв на Република Северна Македонија кон Бугарија во текот на годините остануваат неисполнети, вклучувајќи го и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка потпишан во 2017 година.

„Затоа ние се залагаме за правно обврзувачки гаранции во билатералниот дијалог од страна на Република Северна Македонија“, додал бугарскиот претседател.