Полицијата во Холандија и Германија уапси девет членови на банда, одговорни за серија грабежи од банкомати во Германија. Тие се осомничени и дека формирале центри за обука за разнесување банкомати, објави денеска Европол.
Откривањето на тој импровизиран центар, во холандскиот град Утрехт, помогна да се открие бандата за време на 18-месечна прекугранична истрага, според Европол, а пренесува агенцијата АП.
Полицијата во северниот германски град Ознабрик соопшти дека почнале да се сомневаат кога 29-годишен Холанѓанец нарачал неколку банкомати таму, наведувајќи дека се работи за уметнички проект во Холандија.
Наместо тоа, машините биле доставени до магацин во Утрехт, каде што две лица се обиделе да ги разнесат за да земат готовина од внатре и да снимаат видеа од своите напори, соопшти Европол.
„ Двојката нарача различни модели на банкомати и сними упатства за тоа како најлесно да се разнесат“, се вели во соопштението.
Полицијата во централна Холандија соопшти дека 29-годишникот на крајот починал во септември 2020 година, додека тестирал експлозивна направа во центар за обука, додека еден соучесник бил повреден и уапсен. Нивниот идентитет не беше откриен, во согласност со холандските и германските закони за приватност.
Холандската полиција уапси тројца осомничени во вторникот и изврши претрес во седум имоти, каде што пронајде опрема што се користи за разнесување банкомати.
Полицијата во Ознабрик соопшти дека со последните апсења, бројот на приведените за време на истрагата се зголемил на девет. Бандата е обвинета за минирање на најмалку 15 банкомати низ Германија, предизвикувајќи штета од неколку милиони евра.