Раздор во италијанската влада околу помошта за Украина, сепак, одобрен нов пакет

Раздор во италијанската влада околу помошта за Украина, сепак, одобрен нов пакет

пред 3 часа

Италијанската влада денес одобри декрет за продолжување на воената помош за Украина во 2026 година, постигнувајќи коалициски компромис по неколкунеделна дебата што ги откри поделбите околу надворешната политика во кабинетот на премиерката Џорџа Мелони.

Договорот дојде во услови на закани од крајно десничарската Лига, која имаше блиски врски со рускиот претседател Владимир Путин пред руската инвазија на Украина во 2022 година, дека нема да ја поддржи мерката, влошувајќи го расколот околу ставот на Италија за војната.

Лидерот на Лигата, Матео Салвини, инаку заменик-премиер, тврдеше дека испраќањето дополнителна воена помош за Украина може само да ја поттикне корупцијата во Киев, наместо да помогне во завршувањето на војната. Критичарите го обвинија дека ја промовира агендата на Путин.

Новата регулатива е слична на законите одобрени во последните три години. Се вели дека владата ќе испрати воени возила, разни материјали и опрема во Украина.

Сепак, Лигата објави дека, за разлика од текстот од 2025 година, новата регулатива наведува дека приоритет ќе се даде на логистичката и медицинската опрема за цивилна употреба и опремата за одбрана од ракетни и кибер напади и беспилотни летала.

Канцеларијата на премиерката Мелони сè уште не го објави текстот на документот.

Италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани, кој ја предводи коалициската партија Форца Италија, го поздрави новиот закон, кој парламентот мора да го одобри во рок од два месеци.

„Тоа е апсолутно избалансиран декрет, како и претходниот. Италија ќе продолжи да ја поддржува Украина воено, економски, финансиски и политички“, беше цитиран од дневниот весник „Кориере дела Сера“.

Од руската инвазија на Украина, Италија испрати 12 пакети воена помош во Киев, иако никогаш не ја откри точната содржина на пакетите, тврдејќи дека информациите се доверливи.

Но, началникот на Генералштабот на италијанската одбрана, генерал Лучијано Портолано, за весникот „Ил Соле 24 Оре“ изјави дека Италија досега испратила залихи во вредност од над 3 милијарди евра.

Иако Италија постојано обезбедува помош за Украина, таа заостанува зад другите големи европски економии, особено Германија, која ѝ испратила на Украина повеќе од 15 милијарди евра во воена опрема, додека милијарди повеќе се ветени.

 

фото/депозитфотос

Текстот Раздор во италијанската влада околу помошта за Украина, сепак, одобрен нов пакет е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top