Европската централна банка (ЕЦБ) денес објави дека растот на договорните плати во Еврозоната во 2026 година ќе остане умерен и ќе изнесува помалку од три проценти до крајот на 2026 година, што укажува на нормализација на притисокот врз заработката.
Според ЕЦБ, договорните плати, вклучувајќи ги и еднократните плаќања (како што се бонуси или надоместоци поради инфлација), се зголемиле за 3,2 проценти во 2025 година, додека се очекува зголемување од 2,4 проценти во 2026 година.
Ако се исклучат еднократните плаќања од пресметката, се очекува платите во Еврозоната да пораснат за 2,7 проценти во 2026 година, со постабилно и поумерено темпо отколку во претходните години. Податоците покажуваат дека во првата половина од 2026 година, договорените плати ќе се зголемат за околу 2,1 процент, додека во втората половина се очекува раст од 2,7 проценти, бидејќи ефектите од големите еднократни плаќања од претходните години постепено се намалуваат.
Европската централна банка, исто така, забележува дека притисокот врз платите сè повеќе се изедначува меѓу различните земји од еврозоната.
Податоците опфаќаат околу една третина од вработените во земјите од еврозоната, и даваат добар увид во трендовите на платите, но ЕЦБ забележува дека нејзиниот извештај не е прогноза, туку одраз на моменталната состојба во колективните договори.
Текстот Растот на платите во Еврозоната се забавува: „Ќе биде помал од 3 проценти“ е превземен од МАКФАКС.






