Американскиот претседател Џо Бајден рано утринава пристигнал во Рим, каде утре почнува дводневниот самит на Групата 20 (Г20), јавува агенцијата „Анса“.
Бајден денеска ќе има приватна средба со папата Франциско, а во текот на денот ќе разговара со италијанскиот претседател Серџо Матарела и премиерот Марио Драги.
Предвидено е Бајден да се сретне и со францускиот претседател Емануел Макрон.
Според медиумите, поради безбедноста на учесниците на самитот Рим од вчера е „затворен град“, што е игра на зборови и асоцијација со познатиот филм на Роберто Роселини од 1945 година, „Рим – отворен град“.
Делот од градот, каде што ќе се одржи самитот на светските лидери, од безбедносни причини е прогласен за максимална безбедносна зона во радиус од 10 километри, а пристап ќе имаат само учесниците и жителите на тој дистрикт, со посебни дозволи.
Приватниот воздушен сообраќај над Рим е забранет, а полициски хеликоптери од вчера го надлетуваат градот со низок лет.
Цивилниот воздушен сообраќај на двата римски аеродрома се одвива непречено.
За безбедноста на учесниците на самитот се ангажирани близу 6.000 полицајци и армијата, чија задача за време на самитот да одржува анти-дрон контрола.
Италијанската министерка за внатрешни работи Лучана Ламоргезе оцени дека од безбедносен аспект времето за самитот е многу напорно.
Според неа, од речиси 14.000 различни протести само оваа година, безбедноста на учесниците на самитот на Г20 е најголемиот предизвик за безбедносните сили, но и за Рим како град домаќин.