За да се стави крај на конфликтот во Украина, ќе бидат потребни нови предлози и концепти, бидејќи претходните иницијативи не успеаја да ги приближат ставовите на Москва и Киев, изјави американскиот државен секретар Марко Рубио по разговорите со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во Манила.
Средбата на шефовите на американската и руската дипломатија се одржа на маргините на состанокот на министрите за надворешни работи на Асоцијацијата на земјите од Југоисточна Азија – АСЕАН и траеше нешто помалку од еден час. Покрај конфликтот во Украина, тие разговараа и за односите меѓу Соединетите Американски Држави и Русија и можностите за нивна постепена нормализација.
Рубио им рече на новинарите по средбата дека имал добар и отворен разговор со Лавров и нагласи дека Вашингтон сè уште се обидува да најде место за договор што би бил прифатлив и за Русија и за Украина.
„Ќе мора да бараме нови предлози и нови идеи. Доколку има мир, тоа ќе биде благодарение на некоја нова идеја и некои нови концепти“, рече Рубио.
Тој додаде дека Соединетите Американски Држави се подготвени да понудат свои предлози, но само ако се создадат соодветни политички услови и формат на разговорите.
„Подготвени сме да играме позитивна улога ако се појави можност и ако условите се соодветни“, рече американскиот државен секретар.
Рубио оцени дека претходните обиди не доведоа до резултати бидејќи предложените решенија не беа прифатливи за едната или другата страна. Според него, главниот предизвик останува да се најде среден пат што би можеле да го прифатат и Москва и Киев.
Државниот секретар на САД го нарече конфликтот многу крвава војна, наведувајќи дека двете страни трпат тешки последици. Тој посочи на страдањето на цивилите и нападите врз Киев, но и на сè почестите украински напади длабоко на територијата на Русија.
„Украина плати огромна цена. Оваа војна не беше добра ниту за Украина. Мислам дека двете страни треба да имаат поттик да ја завршат“, рече Рубио.
Тој додаде дека Соединетите Американски Држави ќе продолжат да испитуваат дали постои можност за компромис и повтори дека Вашингтон е подготвен да се приклучи на дипломатскиот процес кога ќе процени дека разговорите можат да донесат конкретен резултат.
Американскиот Стејт департмент во кратко соопштение соопшти дека Рубио и Лавров разговарале за односите меѓу САД и Русија и „потребата од прекин на руско-украинската војна“, без да објави дополнителни детали за можните нови иницијативи.
Од руска страна, беше објавено дека Лавров ја потврдил подготвеноста на Москва за политичко и дипломатско решение на конфликтот. Тој нагласи дека Русија останува посветена на предлозите што беа дискутирани за време на средбата меѓу претседателот Владимир Путин и Доналд Трамп во Анкориџ.
Според руското Министерство за надворешни работи, Лавров му го пренел ставот на Москва за ситуацијата на фронтовската линија на американскиот државен секретар и предупредил дека продолжувањето на испораките на оружје за Украина е неприфатливо. Рускиот министер, исто така, ја критикуваше политиката на европските земји, кои, како што е наведено, продолжуваат да се стремат да ѝ нанесат стратешки пораз на Русија.
Во исто време, Москва објави дека останува подготвена за дипломатски разговори, но дека политичкото решение мора да ги земе предвид безбедносните барања на Русија и ситуацијата на терен.
Текстот Рубио по средбата со Лавров: САД се подготвени да понудат нови идеи за мир во Украина е превземен од МАКФАКС.





