Руската инвазија досега и’ нанела на Украина штета од најмалку 100 милијарди долари

пред 3 години

Советникот на украинската влада за економија Олег Устенко изјави дека руските сили досега предизвикале штета на украинската инфраструктура, згради и друг имот од најмалку 100 милијарди американски долари.

Устенко на онлајн состанок рече дека 50 отсто од украинските компании се целосно затворени поради војната, додека другата половина работат далеку под капацитетот.

Тој рече дека проценката на штетата вклучува патишта, мостови, болници, опрема и други средства.

Запрашан како може да се финансира реконструкцијата, советникот на украинската влада предложи дел од парите да бидат обезбедени од руските средства замрзнати ширум светот, вклучително и средствата на руската централна банка во странство. Замрзнатиот имот на руските олигарси може да биде префрлен и во фондот за обнова.

Во врска со издржливоста на украинскиот финансиски систем и банкарските плаќања, Устенко рече: „Би рекол дека во сегашните околности е во ред“. Тој додаде дека фискалните резерви на Украина се околу 27,5 милијарди долари, од 30 милијарди долари пред инвазијата.

И покрај притисокот врз локалната валута, Украинците во неокупираните области можат да пристапат до готовина од банкомат и да плаќаат на касите на супермаркетите без долгите редици видени во првите два дена од војната, а плаќањата со кредитни картички и другите форми на електронско плаќање функционираат нормално.

„Дури и во градовите кои сега се опкружени со руска армија жителите можат да користат картички“, рече Устенко.

Share
Scroll to Top