Руски ракетен напад врз Киев: Петмина повредени меѓу кои и дете, оштетени станбени згради и градинка

Руски ракетен напад врз Киев: Петмина повредени меѓу кои и дете, оштетени станбени згради и градинка

пред 3 часа

Руските сили извршиле ракетен напад врз украинскиот главен град Киев во текот на ноќта меѓу 6 и 7 ноември, при што биле оштетени станбени објекти, детска градинка и Северниот мост. Според последните информации, повредени се пет лица, меѓу кои и 14-годишно дете.

Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, соопшти дека остатоци од ракети погодиле петкатна станбена зграда во западниот дел на градот, а била оштетена и фасадата на уште една зграда. Во градската област Соломјански биле регистрирани пожари, а дел од станбените објекти биле оштетени или делумно уништени.

Поради оштетувањата предизвикани од нападот, Северниот мост во Киев е затворен за сообраќај во двата правци. Надлежните служби се на терен и ја проценуваат состојбата на неговата конструкција. Оштетена е и зграда во која се наоѓа детска градинка.

Украинските власти продолжиле да предупредуваат на можност од нови напади и неколку часа по завршувањето на ударите. Претседателот Володимир Зеленски претходно изјави дека Русија подготвува напади врз енергетски објекти, мостови и друга инфраструктура.

Нападот се случува три дена пред најавените преговори во Абу Даби, под водство на САД и со учество на украински и руски претставници, на кои треба да се бара решение за војната што трае веќе четири и пол години. Последната средба од ваков вид била одржана во февруари.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека во текот на ноќта бил извршен опсежен напад врз цели во украинскиот военоиндустриски сектор, како и врз енергетската и транспортната инфраструктура во Киев и околниот регион.

Од Москва тврдат дека бил погоден Северниот мост, кој, според руските власти, се користел за транспорт на оружје и воена опрема, како и фабриката „Меридијан“, за која наведуваат дека произведува крстосувачки ракети „Фламинго“.

Руското Министерство соопшти и дека биле оштетени енергетски и индустриски објекти, меѓу кои електрана, трафостаница и постројка за производство на муниција.

Дополнително, Москва тврди дека погодила трафостаница во Житомирската област и товарен брод во Црното Море, за кој наведува дека превезувал воена опрема и стока со двојна намена за Украина.

Текстот Руски ракетен напад врз Киев: Петмина повредени меѓу кои и дете, оштетени станбени згради и градинка е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top