САД назначија амбасадор во Венецуела прв пат по една деценија

пред 3 години

САД го назначија својот прв амбасадор во Венецуела од 2010 година, пренесува РТ. Џејмс Стори, кој ја водеше „виртуелната амбасада“ од соседна Колумбија, претходно вети дека ќе работи на транзиција на власта во Каракас.

Номинацијата на Стори беше потврдена со гласање на американскиот Сенат. Тој претходно раководеше со американската „виртуелна амбасада“ додека служеше како организатор на единицата за венецуелски работи во Богота, Колумбија.

Вашингтон и Каракас не разменуваат амбасадори од 2010 година кога тогашниот венецуелски лидер Уго Чавез одби да го прифати Лари Палмер, номиниран од Барак Обама, за американски амбасадор.

Чавез рече дека Палмер ги прекршил сите правила на дипломатијата откако го обвини Каракас за поддршка на левичарските милитанти ФАРК во Колумбија. Вашингтон возврати со одземање на визата на венецуелскиот амбасадор Бернардо Алварез Ерера.

Дипломатските врски уште повеќе се влошија во 2018 година кога претседателот Николас Мадуро го протера Тод Робинсон, шефот на мисијата на САД во Каракас, обвинувајќи го за планирање воен, економски и политички заговор против него.

Вашингтон отворено го оспорува претседателството на Мадуро и го поддржа опозицискиот политичар Хуан Гваидо, кого парламентот, кој е под контрола на опозицијата, го избра за привремен претседател, и воведе огромни санкции за Венецуела.

Во март, Министерството за правда на САД ги обвини Мадуро и неколку други високи претставници на Венецуела за корупција, трговија со дрога и за нарко-тероризам.

Во меѓувреме, Мадуро ги обвинуваше САД за мешање во внатрешните работи на земјата и заговор за соборување по државен удар. Тој исто така ги осуди санкциите, велејќи дека тие ги повредуваат обичните луѓе.

Стори најверојатно ќе продолжи да работи од Богота бидејќи отворено го поддржува тврдиот став на администрацијата на Трамп кон Венецуела. Тој го смета Мадуро за нелегитимен претседател и повика на „уставна транзиција“ на власта во земјата.

„Ако бидам потврден, ќе работам неуморно со мојот тим за да се погрижам оваа транзиција да биде успешна“, рече тој пред Комитетот за надворешни работи на Сенатот.

Не е јасно дали назначувањето на Стори ќе ја смени улогата на Елиот Абрамс, специјалниот претставник на САД за Венецуела. Неговата улога беше официјално проширена на почетокот на годинава, вклучително и во Иран.

Познат по своите воинствени надворешно-политички ставови, Абрамс се поврзува со поддршката на Вашингтон за антивладините сили во Централна Америка во 80-тите години. Во 1991 година, тој беше прогласен за виновен за прикривање информации од Конгресот за тајната програма за финансирање на бунтовниците во Никарагва.

Share
Scroll to Top