САД останаа без амбасадор во Минск, амбасадата ќе мора да работи со пет луѓе

пред 3 години

По воведувањето на новите американски санкции кон Белорусија на почетокот на неделава, Минск одлучи да преземе одмазднички мерки забранувајќи ѝ влез на американската амбасадорка Џули Фишер во средата и побара од Амбасадата на САД во Минск да го намали персоналот на пет члена до 1 септември, пренесува „Политико“.

Белорусија го прифати назначувањето на Фишер во декември и таа требаше да стане првиот американски амбасадор во Белорусија од 2008 година, но никогаш не и беше издадена виза за влез и наместо тоа беше сместена во Литванија.

Портпаролот на белоруското МНР, Анатолиј Глаз, истакна дека Белорусија била принудена да ги воведе мерките поради арогантните и отворено непријателски чекори на САД, како и постапките на некои американски претставници, подвлекувајќи дека Белорусија ја загубила довербата во администрацијата на Бајден.

Тој рече дека поради мерките на Вашингтон за прекин на соработката со Белорусија во сите сфери, Минск не гледа потреба значителен број дипломати да бидат присутни во американската дипломатска мисија.

Амбасадата на САД во Минск, одговарајќи на барањето, го обвини режимот на Белорусија за влошувањето на односите со САД со закани и ограничување на дијалогот, но истакна дека ќе продолжи соработува со белорускиот народ во сите сфери на општествено и политичко живеење.

Американскиот Стејт департмент во ист тон одговори на новите мерки, обвинувајќи го раководството на источноевропската земја за влошување на односите со САД преку немилосрдна репресија врз нивните граѓани.

Во соопштението се истакнува дека американската влада, амбасадорот Фишер и персоналот на амбасадата во Минск ќе продолжат да ги поддржуваат демократските аспирации на белорускиот народ.

Share
Scroll to Top