Лидерите на Г7 планираат да се обврзат да ги искористат сите свои ресурси за да се осигураaт дека ситуацијата предизвикана од пандемии како Ковид-19, никогаш повеќе нема да се повтори.
На вториот ден од самитот во Корнвол, на југозападот од Англија, тие ќе потпишат декларација во која се наведени мерките потребни за да се постигне ова, а првата цел е да се намали времето потребно за развој на вакцини на помалку од 100 дена, пренесува Би-Би-Си
Лидерите на Г7 ќе ја објават Декларацијата по специјалниот состанок денес, на кој ќе се воспостави план за спречување на какво било повторување на човечки и економски загуби предизвикани од пандемии.
Декларацијата треба да предвиди низа конкретни чекори, кои вклучуваат намалување на времето потребно за развој и лиценцирање на вакцини, третмани и дијагностика за какво било идно заболување на помалку од 100 дена,поддршка на реформите за зајакнување на Светската здравствена организација (СЗО).
Декларацијата, исто така, се очекува да содржи препораки од извештаите на група меѓународни експерти од различни економски области, влади и научни институции.
На денешната сесија ќе учествуваат и генералниот секретар на ООН, Антонио Гутереш и директорот на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус.
Британскиот премиер, Борис Џонсон, кој вчера го отвори тридневниот Самит Г7 со барање за борба против глобалната нееднаквост, вети дека неговата земја ќе донира повеќе од 100 милиони вакцини на посиромашните земји во следната година.
Американскиот претседател, Џо Бајден, вети 500 милиони дози вакцини за 92 земји со ниски и средни примања и Африканската унија.
Државите од Г7 се очекува да се договорат заеднички да обезбедат една милијарда дози од вакцината против Ковид-19, во обид да се стави крај на пандемијата во 2022 година.
СЗО проценува дека за вакцинирање ширум светот ќе бидат потребни 11 милијарди дози.