Проруските сепаратисти велат дека првите 300 луѓе го напуштиле опколениот град Мариупол во југоисточна Украина за време на новиот обид за прекин на огнот. Информациите не може да се проверат, а украинските власти се’ уште не даваат никакви бројки.
Украинската и руската армија се договорија да ги прекинат непријателствата во областа и да отворат хуманитарен коридор за да им овозможат на жителите да се евакуираат со специјални автобуси или со свои возила. Сличен обид во градот брзо пропадна вчера.
Мариупол е стратешки пристанишен град лоциран во регионот на Доњецк, чии делови се под контрола на сепаратистите поддржани од Москва и руските сили. Окупацијата на Мариупол би била значајна победа за Москва, бидејќи руските трупи потоа би можеле да се спојат со руските сили на други места во Доњецк и на полуостровот Крим.