Се омажи добитничката на Нобелова награда за мир Малала Јусафзаи

пред 3 години

Добитничката на Нобеловата награда за мир и активистка за човекови права Малала Јусафзаи објави дека се омажила за својот партнер Асер Малик на скромна церемонија во Бирмингем.

Малала (24), пакистанска активистка за правото на образование на жените, на својот Твитер профил објави фотографии од венчавката, на кои се гледаат Малик и членовите на нивното семејство.

„ Денес е посебен ден во мојот живот, Асер и јас сме посветени да бидеме партнери до крајот на нашите животи. Возбудени сме што ќе одиме заедно на патот што претстои“, напиша Јусафзаи, пренесува АП.

Малала Јусафзаи на 17 години стана најмладата добитничка на Нобелова награда во која било област, кога ја подели Нобеловата награда за мир во 2014 година со индискиот активист за правата на децата Каилаш Сатирахи.

Таа е позната како борец за правото на образование и правата на жените, особено во долината Сват, каде талибанците им забранија на девојчињата да одат на училиште.

Таа беше застрелана на 9 октомври 2012 година, кога напаѓач се качи во училишниот автобус додека се враќаше од училиште и испука два истрели во нејзината глава и вратот.

Одговорноста за нападот ја презедоа талибанците.

По атентатот таа беше во критична состојба, но нејзината здравствена состојба се подобри, па беше префрлена во Бирмингем на понатамошно лекување.

Атентатот покрена поддршка за Малала Јусафзаи ширум светот, а специјалниот пратеник на Обединетите нации за глобално образование, Гордон Браун, започна петиција под слоганот „Јас сум Малала“ со цел до крајот на 2015 година сите деца ширум светот да бидат во училиштата.

Петицијата доведе до тоа Пакистан да ја ратификува првата повелба за правото на образование.

Share
Scroll to Top