СЗО: Вакцинацијата на деца не е приоритет

пред 3 години

Водечката експертка за вакцини на Светската здравствена организација Кејт О’Брајан рече дека вакцинацијата на децата против коронавирус од гледна точка на СЗО не е голем приоритет, со оглед на исклучително ограниченото глобално снабдување со дози на вакцини.

О’Брајан рече дека вакцинацијата на деца не треба да биде во фокусот на програмата за вакцинација против Ковид-19, иако сè поголем број на богати земји одобруваат вакцина против коронавирус за деца на возраст од 12 до 15 години, пишува „Еј-би-си“.

Имајќи предвид дека ризикот од развој на тешка форма или смрт од ковид кај деца е исклучително низок, целта на нивната вакцинација за време на пандемијата е генерално да се запре пренесувањето на болеста, рече О’Брајан, педијатар и директорка на одделот за вакцини на СЗО.

„Исто така, имајќи предвид дека сега сме во ситуација кога нема доволно резерви на вакцини за сите луѓе во светот, вакцинирањето деца не е приоритет во моментот“, рече таа.

Таа смета дека во овој момент е клучно да се гарантира вакцинирање на здравствени работници, стари лица или пациенти кои веќе страдаат од одредени болести и дека тие насекаде во светот треба да се вакцинираат пред тинејџерите и децата.

О’Брајан смета дека децата треба да се вакцинираат во догледно време, кога снабдувањето со вакцини на пазарот значително ќе се зголеми. Таа додаде дека смета дека децата не треба да се вакцинираат пред да започнат повторно со училиште, сè додека се вакцинирани возрасните кои биле во контакт со нив.

Share
Scroll to Top