Светската здравствена организација жали за повлекувањето на Соединетите Американски Држави од Организацијата, изјави денес генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус.
Според договорот меѓу САД и СЗО, повлекувањето стапува на сила денес, по истекот на задолжителниот едногодишен рок за известување.
Тедрос напиша на платформата „Икс“ дека СЗО има клучна улога во заштитата на здравјето и безбедноста на луѓето ширум светот, вклучително и на Американците, преку справување со причините за болести, зајакнување на здравствените системи и откривање, спречување и реагирање на здравствени вонредни состојби, вклучително и епидемии на болести, честопати на опасни места каде што другите не можат да дејствуваат.
„Соединетите Американски Држави беа основачи на СЗО во 1948 година и оттогаш учествуваа во обликувањето и управувањето со работата на Организацијата, заедно со 193 други земји-членки, вклучително и активно учество во Светското здравствено собрание и Извршниот одбор“, рече Тедрос.
Како што истакна, повеќе од седум децении СЗО и САД спасија безброј животи и ги заштитија луѓето од закани по здравјето.
„Заедно ги искоренуваме сипаниците и заедно ја доведовме детската парализа до работ на искоренување. Американските институции придонесоа за работата на СЗО и имаа корист од нејзиното членство“, нагласи Тедрос.
Според него, со учество на Соединетите Американски Држави и другите земји-членки, во последните седум години, СЗО го спроведе најголемиот бран реформи во својата историја, со цел да се подобри одговорноста, економичноста и влијанието на терен.
„Оваа работа продолжува. Се надеваме дека Соединетите Американски Држави ќе ја преиспитаат својата одлука и со нетрпение очекуваме конструктивен дијалог за да се зачува партнерството меѓу САД и СЗО, во корист на здравјето и благосостојбата на милиони луѓе низ целиот свет“, заклучи генералниот директор на СЗО.
Соединетите Американски Држави денес престануваат да бидат членка на Светската здравствена организација.
Денешниот датум го означува крајот на едногодишниот рок за известување предвиден со меѓународните правила и процедури за повлекување од Организацијата.
Според медиумите, САД со години се најголем донатор на оваа организација, па затоа СЗО сега е принудена да спроведе строга програма за штедење, со намалување на бројот на вработени и буџетот за околу една петтина.
Текстот СЗО: Заминувањето на САД ги загрозува глобалните здравствени напори е превземен од МАКФАКС.






