Министерот за надворешни работи на Унгарија, Петер Сијарто, ја повика Европската Унија веднаш да ја укине забраната за увоз на руска нафта и гас, тврдејќи дека Европа се соочува со нов силен удар врз цените на енергијата поради ескалацијата на војната на Блискиот Исток и затворањето на Ормутскиот теснец.
Во објава на X, Сијарто вели дека голем дел од глобалното снабдување со енергија сега е во опасност и дека Европа, според неговото толкување, е особено изложена затоа што ЕУ веќе го забрани увозот на руска енергија.
Сега, тврди тој, глобалната понуда дополнително се намалува поради конфликтот на Блискиот Исток, а кога понудата е намалена, цените растат, а на Европа, како што вели, ѝ се заканува драматично зголемување на цените.
Унгарскиот министер директно го предупредува Брисел дека ако санкциите се одржат, тоа сериозно ќе им наштети на европските луѓе и на европската економија. Тој заклучува дека европската политика мора да се води од заштитата на интересите на граѓаните, а не од идеологијата.
Сијарто претходно беше меѓу најгласните критичари на европските енергетски санкции врз Русија, а во ова соопштение го поврзува својот аргумент со новата безбедносна и енергетска криза на Блискиот Исток, која во случај на продолжено нарушување би можела дополнително да ги зголеми цените на нафтата и гасот.
фото/Depositphotos
Текстот Сијарто бара укинување на забраната за увоз на руска нафта: На Европа ѝ се заканува драматично зголемување на цените е превземен од МАКФАКС.






