Скот Морисон: Асанж може да се врати во Австралија ако биде блокирана екстрадицијата во САД

пред 3 години

Австралискиот премиер Скот Морисон објави дека коосновачот на „Викиликс“, Џулијан Асанж, ќе може да се врати дома во Австралија откако ќе завршат неговите судски постапки во Велика Британија, пренесува РТ.

Забелешките на Морисон доаѓаат во време на притисок од австралиски политичари кои ја повикаа владата да побара од администрацијата на Трамп да го помилува Асанж и да ја заврши својата правна кампања против него.

Додека Џорџ Кристенсен од коалицијата и независниот сенатор од Јужна Австралија, Рекс Патрик, повикаа директно на претседателско помилување, опозициската Лабуристичка партија рече дека владата треба да стори што може за да се повлече границата по ова прашање.

Говорејќи за локалната радио станица „2GB“, Морисон изјави дека ако жалбата не успее, Асанж ќе може да се врати во Австралија како и секој друг Австралиец. Сепак, премиерот се дистаницраше од директното мешање во процесот или од молба до американскиот претседател, велејќи:

„Правосудниот систем си има свој пат и ние не сме фактор во тоа“.

Во понеделникот, лондонскиот суд пресуди дека Велика Британија не може да го екстрадира Асанж во САД поради загриженост дека тоа негативно ќе влијае на неговото ментално здравје и може да резултира во обид да си го одземе животот.

Министерството за правда на САД има 14 дена да поднесе жалба против пресудата и ја изрази својата намера да го стори тоа.

Асанж се бара по обвинение од 18 точки, што произлегува од објавувањето илјадници класифицирани документи на „Викиликс“ во 2010 и 2011 година. Ако САД го осудат по сите обвиненија, Асанж може да се соочи со затвор од 175 години иако Вашингтон тврди дека казната ќе биде четири до шест години.

Судењето привлече меѓународно внимание бидејќи адвокатите на Асанж тврдат дека случајот е политички мотивирано гонење против новинар за откривање докази за воени злосторства и за кршење на човековите права извршени од американската влада во странство.

САД не се обидоа да го негираат ова обвинување, постојано тврдејќи дека овие информации биле криминални и дека загрозиле животи. Сепак, поддржувачите на Асанж тврдат дека Вашингтон едноставно бара одмазда за нивното објавување.

Share
Scroll to Top