Словенија воведе нови построги мерки во борбата против коронавирусот, министерот најавува уште подрастични

пред 4 години

Поради влошената епидемиолошка состојба, Словенија веќе воведе нови мерки.

Од денес во Словенија е на сила одлуката на владата да забрани собирање на повеќе од десет лица во јавни и приватни простории. Продавниците, јавните објекти, поштата и сличните институции мораат да обезбедат дека во исто време нема повеќе од едно лице на 20 квадратни метри, воведени се ограничувања за работа на барови и гостилници што ќе можат да ги опслужуваат гостите само на маси, со потребното растојание, додека забранети се приеми и банкети каде што се служи храна и пијалак.

Министерот за внатрешни работи Алеш Хојс за Словенечката телевизија изјави дека доколку во наредните денови овие мерки не го дадат посакуваниот резултат и бројот на новозаразени не се намали, тогаш владата ќе разгледа построги мерки и препораки, а можно е постепено да се затворат фризерските салони и слични дејности,  како што беше пролетоска во првиот бран на епидемијата.

Премиерот Јанша на прес-конференција претходно оваа недела ги повика граѓаните да бидат одговорни и солидарни преку строго придржување кон епидемиолошките правила, велејќи дека ова ќе биде еден вид социјален тест, и дека во случај на драматично влошување и влегување во т.н. црвената зона Словенија би ризикувала затворање во рамки на општинските или регионалните граници, со сите социјални и економски последици, што треба да се избегне.

Share
Scroll to Top